ЕДНОСТАВНО И ЕФЕКТНО

(„Касета“ од Денис Магнусон; режија, Бесфорт Идризи; продукција, Театар за деца и младинци; премиера: декември 2019 г.)

За кусо време на репертоарот на Театарот за деца и младинци се реализира третата претстава на Младинската сцена. Тоа се претставите „Еднаш свет изградив“, „Едвард – раце ножици“ и „Касета“. Со тоа овој Театар посветува нагласено внимание за публиката од тинјџерска возраст третирајќи теми и проблеми што се однесуваат токму на оваа целна група.

„Касета“ од шведскиот драмски автор Денис Магнусон зборува за сложените семејни односи, но и за бунтот на младите и нивното несогласување со наметнатите нормативи на однесување со кои се потиснува индивидуалноста и се гуши љубопитноста за нови сознанија и освојување на нови простори. Меѓу тинејџерката Тува и нејзиниот татко Стефан постојат бројни недоразбирања и несогласувања од наведените причини. Ова значи дека тие се во меѓусебна постојана нетрпеливост која расте од ден во ден. Тоа трае се до моментот кога Тува случајно на таванот ќе открие една касета на која е напишано името на бендот „Горбар“. Откако делумно ќе го чуе записот од оваа музичка касета, Тува се втурнува во потрага за авторите на оваа, според неа волшебна и неверојатна музика која и предизвикува восхит и целосно ја пленува. Потрагата завршува така што најпосле таа ќе открие, дека нејзиниот татко е всушност еден од членовите на групата „Горбар“. Од тој момент во нејзините очи тој постанува идол и херој. Таа всушност открива дека нејзиниот татко на нејзини години, исто така, бил бунтовник која сакал да го менува светот…

Режисерот Бесфорт Идризи заедно со своите соработници, Енес Деари (сценограф) и Роза Трајческа Ристоска (костимограф), гради крајно едноставна претстава. На сцената постои само еден ѕид составен од картонски кутии, пред кој ( и на кој ) се одигруваат сите сцени, што ја обезбедува динамичноста и нивното непречено одвивање. Костимите на Трајческа – Ристоска се современи со исклучок на костимот на еден член на бендот во панкерско одело. Овој режиско/сценски минимализам е надополнет со неколку актерски креации кои се исто така примерени на суштината на приказната  и без претерани манифестации и егзалтации, освен можеби во последната сцена.

Во ролјата на Тува, Наташа Петровиќ гради лик на тинејџерка, незадоволна од сопствениот статус, како во семејството, така и во општеството, а посебно од односот на нејзиниот татко кон неа. Едноставно, таа се бара себе си и копнее за некој нов и поинаков свет. Нејзиниот лик, како да коинцидира со ликот на младата шведска активистка Грета Тунберг и со нејзините јавни декларации за еден поинаков свет и живот. Мики Анчевски настапува во ролјата на нејзиниот татко Стефан кој се прави за да ја исполни најдобро што може ролјата на грижлив родител, длабоко потиснувајќи го во себе споменот на некогашното младо и бунтовно момче, каква што е сега неговата ќерка. Во потрагата по „Горбар“, Тува ќе ги запознае и музичкиот критичар, Лина Олафсон во толкување на Симона Спировска која гради лик на жена која и самата е опседната од хеви метал музиката и споменатата група. Мартин Јордановски настапува во ролјата на членот на групата, Патрик Вестман кој ги чува реликвиите од  своето музичко минато,( костимот и гитарата) и од кои не може да се откаже и покрај изменетите околности. Неговата жена Сара, ( во креација на Винета Дамческа Мојаноска) му пружа подршка и крајна приврзаност. Нејзиниот лик зрачи со многу нежност и внимание. Во улогата на тапанарот на групата, Грахал, актерот Ненад Митевски е максимално конструктивен и дознавајќи за намерата на Тува сесрдно и излегува во пресрет откривајќи го нејзиниот татко како третиот член на „Горбар“ и давајќи го и единствениот преостанат примерок од Касетата ја разрешува енигмата…

Сепак, ова е претстава во која главниот збор го има токму хеви – метал музиката и тоа еден нејзин поджанр, како што е дарк металиката на анонимната, всушност непостоечка група „Горбар“. Автор на оригиналната музика е Игор Василев – Новоградска. Музиката на Новоградска, како што е тоа често случај во современиот театар не е само придружен елемент туку основата врз која се конструира целата претстава. Дарк металиката носи ужаснатост, но и немирење со состојбите. Таа како да ве носи до работ на очајот за од него да се трансформира во пркос и потем во бунт. Таа е моќна и руши се пред себе. Тоа и се случува во последната сцена на претставата кога ќе се сруши ѕидот на сцената, а во својата полнотија ќе грмне споменатата дарк металика која ќе ги обедини сите протагонисти на сцената. Хероично и химнично!

„Касета“ на Театарот за деца и младинци е одлична сценско/ музичка лектира за младите гледачи. Покана и провокација!

Напишете коментар